Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања ги отфрли обвинувањата на пратеникот Скендер Реџепи од НАИ поврзани со пораките од изборната кампања во општина Брвеница. Шефот на владата потенцираше дека од редовите на владејачката коалиција никој не упатил повик за гласање по етнички клуч. Тој ја критикуваше опозициската ДУИ за недостатокот на проекти во изминатите две децении, што довело до масовно иселување на населението.

Мицкоски нагласи дека во текот на годините ги посетил речиси сите населени места во оваа општина, потенцирајќи дека актуелната извршна власт реализира конкретни капитални проекти на терен, вклучувајќи нова детска градинка и спортска сала во селото Челопек.

„Околу делот на пораките коишто ги испраќате за тоа што сум зборувал јас кога бев во Брвеница, инаку мене не ми е првпат, јас не знам колку пати вие сте биле во таа општина, но јас сум ги поминал сите села таму и тоа некои од селата сум ги поминал и по неколку пати. Еве да речеме во Теново бев по четврти пат, во Радиовце по третпат, Седларце Брвеница, Гургурница, можам да ги редам, Стенче, Волковија, Блаце. Можам сите да ви ги редам сега, од првото до последното и на крај да завршиме во Челопек бидејќи таму правиме и градинка и спортска сала со парите од оваа влада. Дваесет години вие направивте нула проекти за Брвеница и резултатот од тие нула проекти господине Реџепи е 10 илјади иселени од кои 90% Албанци. И сега одите по Европа и по светот, коленичите и им викате вратете се во Брвеница да гласате затоа што не смеат кауриве да победат и да имаат свој градоначалник во Брвеница. Тие истите коишто избегаа од 20 години ваше владеење во владата. Вие ги избркавте“, потенцираше Мицкоски.

Премиерот во своето обраќање пред пратениците истакна дека жителите на општината мора да одлучуваат самостојно и да не потпаѓаат под реторика што наметнува раздор заради лични политички кариери.

„Луѓе од вашата коалиција излегоа и повикаа на етничко гласање. Од оваа коалиција никој не излезе, ниту од ВМРО да рече гласајте етнички. Никој. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите. Тоа го направија од првиот ден. Немојте затоа што вие повторно ќе влегувате и во џамијата и во црквата. Повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат. За нив ова е сламка за нивната политичка кариера, а за вас е се. Немојте да дозволите ве молам, да ве делат туку излезете гласајте онака како што мислите дека треба да гласате за тој којшто мислите дека е подобар. Се разбира јас сум дојден тука да го поддржам кандидатот којшто е на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но вие одлучете. Немојте да влијаат луѓе од минатото за вашата иднина. Тоа беше мојата порака и до жителите на Теново“, нагласи Мицкоски.