Опозициската СДСМ обвини дека власта подготвува нов обид за, како што наведуваат од партијата, злоупотреба на гласовите на македонските државјани кои живеат во дијаспората, преку измените што се разгледуваат за начинот на нивното гласање.

Во партиското соопштение, СДСМ ги отфрла тврдењата дека е против гласањето на дијаспората, нагласувајќи дека е против решенија кои, според нив, би можеле да овозможат изборни манипулации.

„Лага е дека СДСМ е против тоа дијаспората да гласа. СДСМ е против Мицкоски да гласа наместо дијаспората“, наведуваат од партијата.

Од СДСМ потсетуваат дека претходно се спротивставиле на предлогот за електронско гласање на дијаспората, оценувајќи дека постоел висок ризик од злоупотреби, а сега сметаат дека и гласањето по пошта не обезбедува доволни гаранции за заштита на изборниот процес.

Според партијата, гласањето по пошта без, како што велат, строга институционална верификација, не гарантира сигурно утврдување на идентитетот на гласачите и заштита на тајноста на гласањето.

СДСМ бара евентуалните правила за гласањето на дијаспората да бидат утврдени со консензус во рамки на Државната изборна комисија (ДИК), оценувајќи дека тоа е предуслов за доверба во изборниот процес.

„СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Имаме обврска да го заштитиме гласањето и не ги прифаќаме овие игри на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.

Од партијата ја повикуваат Владата да се откаже од, како што ги оценуваат, спорните решенија и да предложи модел што ќе обезбеди поширок политички консензус околу гласањето на иселениците.

Засега нема реакција од Владата или од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата изнесени во соопштението на СДСМ.