Нема продолжување на учебната година во средните училишта, заклучи Владата на денешната седница на која донесе одлука за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

-Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година, информира прес-службата на Владата.

Владата на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија“, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ).

-Грантот доаѓа од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во висина од три милиони евра и е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта, соопшти владината прес-служба.