Патоказ за модерна и дигитална држава

Премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030 истакна дека документот не е само стратешки план, туку потврда за решителноста на Владата да создаде модерна и дигитална држава.

„Денес не промовираме само еден стратешки документ. Денес ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава. Држава што работи за граѓаните, држава што е транспарентна, ефикасна и правична“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека СМАРТ/МК 2030 е визија, но и јасен план кој нуди одговор на реалните предизвици и патоказ за тоа каква држава Македонија сака да биде во следната деценија.

Дигитална трансформација и европски стандарди

Мицкоски посочи дека дигиталната трансформација подразбира промена во функционирањето на државата, културата на институциите и односот кон граѓаните и бизнисите.

„Дигиталната трансформација значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики. Како Влада, дигитализацијата ја поставивме како еден од нашите клучни стратешки приоритети. Затоа што знаеме дека дигиталната држава е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата. Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии“, рече премиерот.

Стратегијата ги покрива сите сектори: јавна администрација, образование, здравство, економија и локален развој, а е усогласена со европските дигитални стандарди и Националната развојна стратегија 2024–2044.

„Нема силна економија без дигитални вештини. Нема современо општество без дигитално писмени граѓани. И нема конкурентна држава без иновативен ИКТ-сектор“, додаде Мицкоски.

Од визија кон реални политики

Премиерот потенцираше дека стратегијата мора да се претвори во конкретни политики и мерливи резултати за граѓаните.

„Нашата обврска е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните. Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека СМАРТ/МК 2030 е заедничка обврска на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.

„Само со партнерство, знаење и доверба можеме да изградиме дигитална држава што ќе биде двигател на економскиот раст и гаранција за подобар квалитет на живот. Денес ја поставуваме основата. Нашата цел е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година. Македонија што гледа напред, што инвестира во знаење, технологија и луѓе. Македонија што гради иднина, а не ја чека“, заклучи премиерот.