Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски денеска во Собранието истакна дека предложените законски измени не предвидуваат кратење на парите во пензискиот систем. Тој образложи дека измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не значат укинување на средствата што осигурениците ги издвојуваат во вториот пензиски столб, туку нивно системско регулирање во друг законски акт.
Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеничката Валбона Адили Емини од редовите на коалицијата ВРЕДИ, Велковски нагласи дека во јавноста неоправдано се создала паника околу реформите, откако опозициски претставници го проблематизирале бришењето на одредбата која го уредува трансферот на шест отсто од придонесите.
„Не се укинуваат шесте проценти, туку се префрлаат во друг закон каде што ова право ќе биде уредено системски“, рече Велковски.
Министерот појасни дека одредбата која формално се укинува со ставот 120 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе биде прецизно вградена во членот 52-а од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Овој законски текст наскоро ќе биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) заради доставување јавни коментари и мислења.
Според најавите, двата закони ќе се разгледуваат паралелно од страна на надлежните тела, по што ќе бидат усвоени од Владата и доставени на усвојување во собраниска процедура.
„Нема простор за паника. Со овој закон не се укинува никакво право коешто досега и ние како осигуреници коишто сме тука и секој еден којшто е во работен однос, а тоа се повеќе од 600.000 граѓани наши во државата. Не се укинуваат 6-те проценти, туку се продолжува, меѓутоа во друг член и во сосема друг закон којшто ќе го уреди ова право системски во овој момент, не како до сега што е направен“, рече Велковски.
Во одговор на дополнително прашање, тој наведе дека измените на законите за задолжително и за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување се очекува следната недела да се најдат на второ читање пред пратениците во парламентот.
Реформите исто така содржат воведување на различни инвестициски портфолија за осигурениците по теркот на водечките европски држави. Помладите членови на вториот столб ќе можат да ги насочат средствата кон поризични инструменти со цел остварување повисок принос, додека за осигурениците кои се пред пензионирање ќе важат конзервативни и нискоризични инвестициски шеми.
Велковски увери дека заштедите на граѓаните се целосно заштитени преку строги законски гаранции кои го обезбедуваат остварувањето на правата по стекнувањето пензиски статус.
„Има заштитни механизми, тука не треба никој да биде загрижен. Портфолијата даваат само дополнителна можност на секој еден од нас првично да избереме во кое сакаме да учествуваме, доколку не го направиме тоа доброволно, самиот закон предвидува дека по категориите на годините коишто се предвидени, да самото друштво каде што членуваме во тој втор пензиски столб да го уреди согласно позитивната законска регулатива“, заклучи Велковски.
