Резултати од анализите покажуваат нормални вредности на воздухот, почвата и водата
По пожарот што избувна завчера во објект за електронски отпад во Трубарево, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во мострите земени за анализа не се забележани отстапувања во вредностите на радијација. Исто така, во примероците од вода од засегнатото подрачје не се регистрирани тешки метали.
„Во текот на вчерашниот ден испративме обучен експертски тим од Институтот за вонредна контрола во засегнатото подрачје. Земени се примероци од вода, почва и воздух за испитување на радиоактивност, како и примероци за физичко-хемиска анализа“, појаснуваат од ИЈЗ.
Резултатите од анализата на воздух и почва покажуваат нормални вредности, без отстапување од референтните стандарди. Анализите на радијацијата во водата и на присуството на тешки метали во почвата се очекуваат да бидат достапни утре.
„Во примероците од вода не се регистрирани отстапувања во вредностите по однос на тешки метали. Единствено е забележан индикатор за зголемена содржина на органски материи во подземната вода, која е од друго потекло“, велат од Институтот.
ИЈЗ истакнува дека е во континуирана координација со Инспекторатот за животна средина, Министерството за здравство и другите надлежни институции за да се следи состојбата и да се обезбеди точна и навремена информација за граѓаните.