Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во седиштето на СВР Скопје каде заедно со Штабот во рамките на оперативна акција Избори 2021 година во рамки на СВР Скопје се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори.
Добиена е пријава дека засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари. Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата, проверка на лицата на кои што им бил понуден поткупот и утврдување на можен сторител на кривично дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик.
Околу 09:35 часот во близина на влезот на ГМ 2842 и 2842/1 во ЈДГУ „Кочо Рацин“ на ул.„Борка Талески“ на 9 возила од надворешна страна на стаклата е залепена бројка од кандидат за градоначалник. Се преземаат мерки за утврдување на идентитет на евентуален сторител на прекршок од член 190 ст.3 од Изборниот законик.
На 17.10.2021 година во 09:04 часот по лотус добиено е известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија. По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност.
Во претходните денови, Комисијата постапуваше по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори. Дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со изборниот процес оформени се предмети во скопското и кумановското обвинителство.
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет во врска со истрели од огнено оружје на митинг на политичка партија. Обвинителството издаде насоки до МВР за идентификација на сторителите.
По објави во медиумите за експлодирана бомба во двор од семејна куќа на кандидат за член на Совет на општина, на 3 октомври 2021 година, како и доставено известување од МВР, скопското обвинителство оформи предмет за сторено кривично дело – Изнуда од страна на засега непознати сторители. На кандидатот од листа за советници испраќани му биле пораки , меѓу нив и порака со закана со бомба.
До обвинителството е дадена информација дека на 15.10.2021 околу 19 часот на подрачјето на ПС Драчево, на место викано Аџево, биле забележани лица кои давале пари во замена за глас на претстојните локални избори односно вршеле кривично дело „поткуп при избори и гласање“. Од страна на полициски службеници приведени се четири лица. Известен е јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата. Дополнително, обвинителството е известено од СВР Скопје дека по спроведени дејствија е утврдено дека паричните средства пронајдени кај лицата се од Договор за купопродажба на возило.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје на 16 октомври 2021 година, бил известен од ПС Арачиново дека снемало печат на избирачки одбор кога членовите отишле да спроведат гласање кај лице во неговиот дом. Известена била и Државната изборна комисија, по што обезбеден е нов печат. Настанот е документиран, се преземаат дејствија за негово расчистување.
Кумановското обвинителство оформи предмет и постапува за настан случен во селата Војновиќ, Романовце и Черкезе, кумановско, каде лице се договарало за купување гласови.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола се преземаат дејствија за утврдување на факти во неколку прдмети поврзани со процесот на организирање и спроведување на локалните избори.
Комисијата ја информираше јавноста за оформениот предмет во врска со упатени закани преку социјалната мрежа Фејсбук кон кандидатот за градоначалник од Прилеп. Обвинителството поведе постапка за сторителот за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ од член 144 став 4 од Кривичниот законик. Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до надлежниот суд достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена.
До Комисијата, преку електронската адреса пристигнаа две пријави за дејствија во општина Струга, во врска со асфалтирање на улица на денот на изборниот молк. Струшкото обвинителство презеде дејствија за расчистување на настанот. По насока на јавен обвинител полициски службеници од СВР Струга излегоа на лице место, при што, по извршени проверки е констатирано дека на наведеното место не се преземаат градежни дејствија за асфалтирање на улица и нема присуство на евентуално ангажирани работници.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во тетовското обвинителство се постапува за проверка на наводи во пријава против директор на државен орган кој агитирал кај вработени да гласаат за кандидат за градоначалник. Во ова обвинителство се проверува и сознание во врска со наводен поткуп од кандидат за градоначалник со бекатонски плочки.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип , во Основното јавно обвинителство Кочани се преземаат дејствија во предмет оформен по примена кривична пријава на 16.10.2021 година, против две лица за кривично дело ,,повреда на слободата на определување на избирачите”. Според наводите во пријавата, во период од 8 до 15 октомври 2021 година, во повеќе наврати две лица им се заканувале на повеќе граѓани од Кочани дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери се.
Основното јавно обвинителство Делчево по телефон било известено дека на 16.10.2021 година, на градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник на едно лице дало 3000 денари и брошура од политичка партија. Парите од лицето кое ги примило се одземени, додека брошурата не е пронајдена. Обвинителството издаде насоки за натамошно постапување.
Основното јавно обвинителство, по телефонско известување од СВР Струмица, издаде насоки за проверка во врска со настан во село Ново село каде едно лице вршело агитирање и убедувало стари и изнемоштени лица за кого да го дадат својот глас.
На електронска адреса на обвинителството примена е пријава и за преземени дејствија од медиум со кои наводно биле сторени нерегуларности во врска со изборниот процес, односно прекршување на изборниот молк. Наводите се проверуваат.
Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности преку воспоставените дежурства на јавни обвинители во основните јавни обвинителства продолжува да го следи спроведувањето на локалните избори.