Очите на светската јавност се свртени кон Тајван откако на вчерашните избори победа доживеа поддржувачот на независноста, Вилијам Лаи Чинг-те. Воедно, Тајван ја повика Кина да ги „почитува резултатите од претседателските избори“ кои претходниот ден ги доби Лаи Чинг-те, кој тврдеше дека островот е де факто независен и вети дека ќе го брани од заканите за обединување на Пекинг.
Вилијам Лаи, актуелниот потпретседател за просуверентичката Демократска напредна партија (ДПП), победи на претседателските избори и ќе ја преземе функцијата на 20 мај, заедно со неговиот потпретседател Ксијао Меикинг, поранешен претставник на Тајпеј во Вашингтон.
Уште пред изборите, Кина објави дека Лаи е „опасен сепаратист“ и дека „Тајван избира меѓу војна и мир“. Во пресрет на гласањето, кинеското Министерство за одбрана вети дека ќе го „скрши“ секое движење за независност на Тајван, а Тајпеј одговори нарекувајќи го одговорот на кинеските власти „апсурден и погрешен коментар“.
Пекинг го повика остатокот од светот да се придржува до ставот на една Кина. Сепак, тоа не ја спречи јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикава да му честита на новоизбраниот претседател на Тајван, Вилијам Лаи. Ова не и одговараше на Кина.
Започна пребројувањето на гласовите во Тајван – Кина ги гледа како избор меѓу војна и мир
Во соопштението, Камикава му честиташе на Лаи за неговата победа и го нарече самоуправниот остров, над кој Пекинг тврди дека има суверенитет, „исклучително важен партнер и важен пријател“.
Кинеската амбасада во Јапонија реагираше брзо без да го спомене Лаи или да ја признае неговата победа. Тие ги опишаа коментарите на Камикава како „сериозно мешање во внатрешните работи на Кина“.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека САД не ја поддржуваат независноста на Тајван откако тајванските гласачи го дадоа својот глас за Вилијам Лаи.