Иницијативата на ДУИ за одржување надзорна расправа за трагедијата во Кочани не доби поддршка на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. За иницијативата гласаа само четворица пратеници. Само дел од Европскиот фронт и од СДСМ, што не беше доволно за да се усвои предлогот.
ДУИ обвинува: Се бега од вистината
Пратеникот Садула Дураку од ДУИ го обвини владејачкото мнозинство дека „бега од вистината“. Според него несакањето да се стави иницијативата на дневен ред укажува на прикривање на информации. Дураку директно ги посочи Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски како вмешани во случајот. Тоа предизвика кратка, но остра расправија.
– Не може никој да ми го одземе правото на говор! – изјави Дураку, по што се вмеша и пратеникот Блерим Беџети, предупредувајќи дека опозицијата ќе ги искористи сите средства што ги овозможува Деловникот.
СДСМ: Не смееме да го игнорираме барањето за расправа
Пратеникот Фатмир Битиќи истакна дека недозволувањето на расправа во вакви случаи е опасен преседан и дека Собранието мора да покаже волја за транспарентност.
– Не пишува никаде дека иницијативата треба да биде отфрлена без дебата – предупреди Битиќи.
ВМРО-ДПМНЕ и Влен: Расправа – да, но и за другите трагедии
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“ нагласија дека не се против расправа за Кочани, но побараа и вклучување на други трагедии – како пожарот во Модуларната болница во Тетово и несреќата со „Беса транс“.
– Ако системот е дисфункционален, треба да се отвори сè, не селективно – рече Халил Снопче од Влен.
ЗНАМ: Надзор дури по завршување на истрагата
Пратениците од Движењето ЗНАМ го поддржаа ставот дека активната истрага за случајот во Кочани не смее да биде политизирана, истакнувајќи дека надзорната расправа може да се третира како мешање во работата на Обвинителството.
– Не се бега од одговорност, но сега не е моментот за дебати со политичка позадина – изјави Бобан Карапејовски од ЗНАМ.
Иницијативата за надзорна расправа за трагедијата во Кочани предизвика длабока поделба во парламентот. Додека едни бараат транспарентност и веднаш одговори, други повикуваат на трпение и правна процедура. За сега, истрагата останува во рацете на Обвинителството, додека политичката дебата за одговорност продолжува без институционален надзор.
Извор: Курир