Силното невреме што попладнево зафати повеќе делови од источна и југоисточна Македонија предизвика материјална штета, паднати дрвја и неколку пожари. Најсериозни последици се регистрирани во Делчево, каде што е оштетен покрив на објект, а надлежните служби се на терен и работат на расчистување на штетите.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, изјави дека засега нема информации за повредени лица.
„Дел од жителите, меѓу кои и деца, се безбедно евакуирани. Поради паднати дрвја на повеќе патни правци, во расчистувањето се вклучени Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, како и екипи со специјализирана механизација“, информира Гоцевски за МИА.
Во расчистувањето ќе се вклучи и екипа од шумското стопанство со шест вработени и моторни пили, кои ќе работат на отстранување на паднатите дрвја и воспоставување нормална проодност на патиштата. Надлежните институции упатија апел до граѓаните што сакаат да помогнат да се пријават во Територијалната противпожарна единица или во Центарот за управување со кризи, каде што ќе добијат конкретни насоки за безбедно вклучување во акцијата.
Невремето проследено со силен ветер и дожд ги зафати и Струмичкиот и Радовишкиот регион, каде што беа регистрирани паднати дрвја и пожари, соопштија Територијалните противпожарни единици од Струмица и Радовиш.
Во Радовиш, четири противпожарни возила и девет пожарникари интервенирале на три улици поради паднати дрвја. По брзата интервенција, дрвјата биле отстранети, а сообраќајот повторно нормализиран.
Во селото Подареш избувнал пожар во постар објект, кој бил предизвикан од искри од запалени жици. Пожарот бил изгаснат по интервенција на екипа со едно противпожарно возило и тројца пожарникари.
Во струмичко, пожарникарите интервенирале при пожар во штала во селото Висока Маала, како и при пожар на сува трева во Муртино. Дополнително, било отстрането и паднато дрво од коловозот во селото Ново Село.
