Продолжуваат преписките меѓу Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Министерството за администрација и информатичко општество. Од АВМУ обвинуваат дека за шест месеци биле исплатени 80.000 евра помалку од тоа што е законски пропишано додека од МИОА се правдаат велејќи дека овие средства не може веќе да бидат исплатени.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги јасно дава дознаење дека претставува кршење на Законот за ААВМУ. Зоран Трајчевски во изјава за медиумите потенцира дека од МИОА и понатаму да префрла помалку пари, а како пример ги наведува законските измени од јули 2023 година и потенцира дека „Незаконски се кратат средствата“.
–Со законските измени од јули 2023-та година беше укинато дискреционото право и АВМУ треба да добие пет отсто. Предлагач на овој закон е МИОА против кого сега поднесуваме тужба. Спротивно на законската обврска, МИОА префрлува помалку средства од законски пропишаните. За последните шест месеци има добиено 80.000 евра помалку, за јануари имаме добиено речиси 20.000 евра помалку. Оваа состојба трае со години затоа што МИОА го користеше дискреционото право и се префрлуваше помалку средства, изјави Трајчевски.
Од Министерството велат дека заради доцното усвојување на законските измени АВМУ не може да планира на овие средства и целосно се иззема од одговорност. Тие, повикувајќи се на правилата за буџетирање државни институции преку соопштение јасно вината ја префрлаат кон трети лица.
Децидни се дека нема повеќе средства за АВМУ, а проблемот го лоцираат во тоа дека немало дополнителна промена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Во тековната 2023 на ден 3.10.2023 година со Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2023 („Сл.весник на РСМ бр.207/2023) во буџетот на институцијата не се дообезбедени и следствено распределени дополнителни средства како би се реализирал бараниот пренос на средства до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Министерството за информатичко општество и администрација врши пренос на доделени средства и не е во состојба да обезбедува буџетски средства, одговорија од МИОА.
Освен АВМУ, Трајчевски најавува дека кон тужбата ќе се приклучи и Јавниот Сервис. Тој како што вели за медиумите во текот на 2023 година добиле помалку средства од тоа што законски им следува. Потсетува дека измени имало и во 2018 година кога јавно се определиле разликите со Законот за ААВМУ.