Со брза пруга во Македонија, патувањата ќе бидат побрзи, градовите поврзани, а економијата со повисоки приходи од транзит

Брза пруга во Македонија ќе значи годишен приход од 120 милиони евра само од карго транзит. Ова го изјави министерот за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју. Пругата, вели, треба да се заврши пет години по почетокот на изградбата.

„Ако започнеме следната година, тогаш до 2031 ќе биде готова целосно. Ќе биде двоколосечна, а првиот колосек ќе биде завршен три години порано. Тоа значи дека ако стартуваме во 2026, брзиот воз ќе функционира во 2029 година“, рече Николоски.

Тој објасни дека едниот колосек ќе биде за патнички, а другиот за карго сообраќај. Патувањето од Скопје до Солун ќе трае еден ипол час, а до Белград околу два часа. Карго сообраќајот ќе биде клучен за економските ефекти, нагласи Николоски.

„Возовите со 120 километри на час ќе транзитираат низ цела Македонија за под два часа. Тоа ќе овозможи сериозно забрзување на транспортот на стоки. Очекуваме приход само од транзитен карго, без домашно стопанство, 120 милиони евра годишно. Овие средства се доволни за самата железница да се отплати“, посочи Николоски.

Брза пруга во Македонија ќе има влијание и врз регионалната и глобалната економија.

„Јужните пристаништа – Пиреа, Солун, Волос, Кавала, Игуменица – стануваат стратешки важни. Сега, товар од Суецкиот канал до северна Европа патува 22 до 27 дена преку Гибралтар. Причината е лошата инфраструктура во јужна Европа. Кога ќе се изградат модерни железници, тој товар ќе се движи 22 дена побрзо“, рече Николоски.

Ваквото скратување ќе го смени целиот тек на трговијата во Централна Европа. Николоски додаде и дека граѓаните ќе имаат конкретни придобивки од пругата.

„Сообраќајот Куманово-Скопје ќе се намали за најмалку 50%. Истото важи и за Скопје-Велес и Скопје-Гевгелија. Во втората фаза ќе се додадат отсечки за поврзување со други градови. Тука се планирани Кавадарци, Неготино, Штип и Кочани“, изјави Николоски.

Брзата пруга во Македонија, според него, ќе овозможи нов начин на живот и поврзаност.

„Ќе добиеме нова димензија и нов систем на функционирање“, заклучи тој.