Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски му одговори на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој обвини дека Македонија изгубила 60,77 милиони евра од ИПА-фондовите на Европската Унија за железничката делница од Коридорот 8 кон Бугарија. Николоски тврди дека Владата наследила неизводлив тендер за пруга што завршувала во недовршен тунел, поради што постапката била прекината, а со ЕУ и Бугарија било договорено да се гради целосен тунел со европски грант.

Османи во објава на „Икс“ наведе дека тендерот од 2024 година бил поништен затоа што Владата не успеала навреме да го склучи договорот за изградба. Според него, станува збор за сериозен финансиски, инфраструктурен и безбедносен неуспех, бидејќи Коридорот 8 е важен стратешки транспортен и безбедносен коридор на НАТО.

Николоски возврати дека средствата од ИПА требало да бидат искористени до ноември 2024 година, додека новата Влада била формирана кон крајот на јуни и наследила тендер за проект што, според него, не можел да се реализира. Тој соопшти дека по прекинувањето на тендерот биле почнати сериозни разговори со Европската Унија и Бугарија, по што било постигнато решение за изградба на целосен прекуграничен тунел.

„Пак лаги и манипулации!!! Во 2024 наследивме тендер за пруга што завршуваше во слеп тунел до пола!!! Дополнително, средствата од ИПА да се искористат до ноември 2024, а Владата се формира крај на јуни со тендер за градба што беше невозможна – ТУНЕЛ ДО ПОЛА!!! Да, таков тендер распиша Владата на СДСМ и ДУИ. Го прекинавме и влеговме во сериозни разговори со ЕУ и Бугарија. И се договоривме. Ќе градиме ЦЕЛОСЕН ТУНЕЛ СО ГРАНТ ОД ЕУ!!!“, напиша Николоски.

Тој информираше дека денеска се одржал првиот состанок на мешовитата работна група меѓу Македонија и Бугарија и дека до Европската Унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој ќе биде испратено заедничко писмо за финансирање на проектот. Николоски додаде дека за третата фаза од Коридорот 8 веќе се обезбедени 149 милиони евра грант.

„Еве денес имаше прв состанок на мешовитата група меѓу Македонија и Бугарија. И се праќа заедничко писмо до ЕУ, ЕИБ и ЕБРД за финансирање. Дополнително, за третата фаза на Коридор VIII имаме 149 мил. € грант. Значи уште еден проект заглавен од СДСМ и ДУИ ние исправуваме и го ставаме на вистински рамки. Така се работи. Без криминал, со посветеност. Додека Бујар создаваше проблеми како министер за надворешни, ние сега ги решаваме. Железница ќе има, исто како и автопати. Во ваше време само провизии“, напиша Николоски.