Воведувањето на Градскиот воз треба да овозможи брзо и еколошко поврзување на приградските населби и општините што гравитираат кон главниот град со Скопје. Проектот, според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, ќе придонесе за намалување на загадувањето и за навремено пристигнување на учениците, студентите и вработените до нивните обврски.
Во интервју за ТВ Канал 5, Николоски посочи дека изминатата година интензивно се работело на воведување на овој вид јавен превоз.
„Вчера можеа сите да видат дека од Зелениково до Скопје се патува некаде за 24 минути. Што ако споредите дека со кола се патува некаде около 70 минути, многу е јасно која е разликата. Тоа сериозно ќе придонесе и за намалување на загадувањето, сериозно ќе придонесе луѓето навреме да стигнуваат и учениците, и студентите и оние коишто работат во градот Скопје и во општините. И се надевам дека масовно ќе биде користен, дека сè помалку ќе се користат возила на оваа линија каде што поминува сега градскиот воз, а сè повеќе ќе се користи возот. Возот поминува низ станиците Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, понатаму Лисиче, Драчево, веќе работиме на станица кај Кисела Вода – 11 Октомври – бараки и завршува на Новата железничка станица” – истакна Николоски.
Тој додаде дека во тек е проектирање на уште две нови линии – едната од Ѓорче Петров до Центар, а втората од Илинден до Центар. Со тоа, како што наведе, ќе се заокружи концептот на три линии на Градскиот воз како нов јавен превоз за Скопје.
