Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, најави дека активностите на терен за изградба на брзата пруга по Коридорот 10 би требало да започнат во март или април следната година, откако се завршени шесте студии потребни за реализација на проектот.

Николоски посочи дека до 31 август годинава бил завршен уште еден рок од договорениот роковник со Велика Британија. Станува збор за вкупно шест студии, меѓу кои студија за изводливост, еколошка студија и други анализи потребни за продолжување на проектот.

„Тука имаме исполнување на уште еден даден рок. Рокот беше до 31 август да бидат завршени сите студии, вкупно шест студии се тоа, и беа завршени на 31 август оваа година“, рече Николоски.

Тој информираше дека сега проектот влегува во финалната фаза, која опфаќа избор на финансиска институција која ќе биде заемодавател, како и избор на изведувач. Како заемопримач е предвидена Македонски железници инфраструктура.

Според Николоски, доколку се земат предвид собраниските процедури, кои не се во надлежност на Министерството и Владата, како и временските услови, активностите на терен би започнале во периодот март–април следната година.

„Влегуваме во финалната фаза согласно роковникот кој строго го почитуваме, договорен со Велика Британија, а тоа е избор на финансиска куќа која ќе биде заемодавател, заемопримач имаме, тоа е Македонски железници инфраструктура, и избор на изведувач. И зависно од собраниските процедури кои се вон моја и на Владата надлежност и временските услови, ние ќе почнеме со активности на терен помеѓу март и април следната година“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека со реализацијата на проектот Македонија би имала најниска камата за инфраструктурен проект во регионот, но и најниска камата за инфраструктурен проект реализиран во државата.

„Кога ќе се имплементира ова, Македонија за овој проект ќе плаќа најниска камата во целиот регион и најниска камата за било кој проект инфраструктурен сработен во државата. Тоа со сигурност можам да го кажам“, рече Николоски.

Вицепремиерот посочи дека предуслов за реализација на капиталните проекти е економската, монетарната и фискалната стабилност на државата.

„Наша прва задача е државата да е економски, монетарно и фискално стабилна, па после следува реализација на проект. Затоа што ако првата задача ја немате решено како што треба, тогаш не може да одите на второто“, изјави тој.

Николоски ја пофали работата на Министерството за финансии и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, оценувајќи дека економската состојба овозможува реализација на планираните инфраструктурни проекти.

„Министерството за финансии, министерката Димитриеска-Кочоска прави одлична работа и кризата во државата скоро и да не се чувствува. Во моментов немаме ниту еден проект кој би застанал потенцијално од финансиски причини, напротив, сите проекти одат со одлично темпо“, рече Николоски.

Тој се осврна и на изградбата на железничката пруга долж источниот дел на Коридорот 8, посочувајќи дека првата фаза, од Куманово до Бељаковце, е пуштена во употреба во јануари 2025 година.

Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка, треба да биде завршена до 2028 година. Николоски информираше дека моменталниот прогрес на работите е околу 40 проценти, со месечна динамика на реализација од 2 до 2,5 проценти, поради што очекува рокот да биде испочитуван.

„Втората од Бељаковце до Крива Паланка, рокот за завршување е до 2028 година. Имајќи предвид дека во моментов прогресот на работа е 40 проценти, тогаш ќе стигнеме во рок. Месечна динамика е меѓу 2 и 2,5 проценти, што значи стигаме до 2028 година“, рече Николоски.

Како прв видлив бенефит за граѓаните, тој ја посочи воспоставувањето меѓуградска железничка линија Скопје–Куманово–Крива Паланка, која, според него, ќе функционира како дневна линија.

„Тоа ќе е прв видлив бенефит за македонските граѓани затоа што ќе има меѓуградски воз кој што ќе сообраќа на линијата Скопје–Куманово–Крива Паланка. Ќе има дневна линија“, најави вицепремиерот.

Николоски се осврна и на третата фаза од железничкиот Коридор 8, која ја оцени како најкомплицирана. Таа предвидува изградба на тунел под Крива Паланка, кој треба да води до влезот на меѓуграничниот тунел кон Бугарија.

Тој информираше дека тендерите за третата фаза веќе се објавени преку официјалниот систем на Европската Унија за јавни набавки, што, според него, претставува признание за работата на Македонски железници инфраструктура и Владата.

За третата фаза е обезбеден и најголемиот грант досега, во висина од 150 милиони евра. Рокот за доставување на понудите е четири месеци, но Николоски рече дека кај нас постапката се одвива побрзо и завршува на 20 јануари.

По истекот на рокот, следува евалуација која, според очекувањата на Николоски, би траела околу 90 дена. Тоа би значело дека до крајот на април треба да биде избран изведувачот, а градежните работи на третата фаза би можеле да започнат во мај или јуни.

„Тоа значи некаде на крајот на април би требало да имаме избрано изведувач кој од мај, јуни би требало да ја гради третата фаза. Согласно барањата, рокот на изведба е пет години и тој рок ќе биде испочитуван“, рече Николоски.

Во однос на меѓуграничниот тунел кон Бугарија, Николоски информираше дека веќе се одржани два состаноци на меѓудржавниот комитет задолжен за изградбата – еден во Софија и еден во Скопје.

Следен чекор е потпишување на протоколот од двете страни, по што, како што најави Николоски, треба да започне и реализацијата на меѓуграничниот тунел.

„Веќе два состаноци на комитетот меѓудржавен за изградба на меѓуграничниот тунел се случија, еден во Софија, еден во Скопје. Сега треба да го потпишеме протоколот од двете страни и тој тунел исто така ќе се гради“, изјави Николоски.