Со забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп – Битола се отвораат 1.200 нови работни места во „Бехтел и Енка“, каде што просечната месечна нето-плата за 2025 година изнесува 137.000 денари, а најниската плата е 60.000 денари, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на саемот за вработување.
Николоски истакна дека ангажирањето нови работници претставува значајна можност за жителите на целиот Пелагониски Регион, како за вработување, така и за стекнување професионални знаења и искуства.
„Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола се отвораат некаде околу 1.200 нови работни места, можност за вработување на околу 1.200 луѓе, што за целиот Пелагониски Регион претставува огромна можност“, изјави Николоски.
Конзорциумот има потреба од градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници.
„Ова е можност за млади луѓе коишто завршуваат градежен или архитектонски факултет, за млади инженери, но исто така и за градежни работници, квалификувани и неквалификувани, оператори на машини и сите оние други коишто можат да најдат работа во рамки на овој проект“, рече вицепремиерот.
Просечната нето-плата изнесува 137.000 денари
Николоски посочи дека двете компании се меѓу водечките според висината на исплатените месечни нето-плати.
„Она што исто така сакам да го кажам е дека двете компании, ‘Бехтел’ и ‘Енка’, се на врвот кога ќе го видите просекот на исплатена месечна нето-плата. Имено, просек за 2025 година е 137.000 денари, а немаат плата под 60.000 денари. Значи, зборуваме за исклучително добро платени работни места“, нагласи Николоски.
Тој ги повика жителите на Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар и Ресен да аплицираат за отворените работни позиции.
Според Николоски, саемот е почеток на процесот на нови вработувања, а можноста за аплицирање ќе остане отворена. Тој најави дека во наредните три години се очекуваат интензивни градежни активности.
На саемот присуствуваа претставници на „Бехтел и Енка“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заменик-министерот за транспорт и пратеници.
