Презентација на македонските проекти пред француски гиганти
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на средба со 11-те најголеми компании од Франција, ја претстави Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции. Според него, земјата има оптимални услови за инвестирање, стратешка географска позиција и јасна визија за развој на инфраструктурата, особено на европските коридори.
„Македонија располага со оптимални услови за инвестирање, имаме амбициозни планови за подобрување на железничката и патна инфраструктура на европските коридори, а локациски поседува стратешка положба која нуди значајни компаративни предности во однос на другите држави во регионот“, изјави Николоски.
На состанокот во Париз, тој ги презентираше тековните и идните транспортни политики, со посебен акцент на изградбата на брза пруга на Коридор 10, која ќе го зголеми капацитетот и ќе овозможи побрз и поекономичен карго транспорт кон Централна Европа.
Милјарди евра за модернизација, отворање кон Франција
Николоски посочи дека земјата е во фаза на интензивен инвестициски циклус вреден неколку милијарди евра, што нуди големи можности за партнерство со француски компании. Притоа, истакна дека условите што ги нуди Македонија за странски инвеститори се меѓу најконкурентните во регионот, со значителна поддршка од Владата.
„Условите за инвестирање се меѓу најконкурентните во регионот, со што Владата нуди поволни услови и силна поддршка за нови странски инвестиции“, додаде Николоски.
На средбата беше презентирана и француската политика за развој, модернизација, управување и безбедност во железничкиот сообраќај, од каде Македонија презеде нова експертиза и искуства за примена во домашниот транспортен систем.
Соработка и со француското Министерство за финансии
Во рамките на посетата, вицепремиерот се сретна и со Магали Сезана, висока претставничка во Генералната дирекција за трезор во Министерството за економија и финансии на Франција, каде беше отворена тема за засилување на економската и трговската размена меѓу двете земји.
Работната посета на Николоски продолжува и денес со нови средби и преговори во Париз.
Извор: МИА