Мојата кандидатура за градоначалник на Кратово доверена од ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичката партија на Македонија ја доживувам како огромна чест но истовремено и голема одговорност и обврска, сериозна должност која ќе ја оправдам пред вас граѓаните на Кратово – истакна Тодорче Николовски, кандидат за градоначалник на општина Кратово на митингот.
Николовски вети поинаков пристап кон суштинските проблеми на градот и кратовските села. Исто така вети целодневна посветеност, секојдневна отвореност и пристапност за секој граѓанин на Кратово, отчетност, транспарентност, со сите сили заедно со граѓаните ќе се воздигне градот.
Ви нудиме програма со остварливи проекти кои ќе го разубават нашето место и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните во рамките на финансиските можности на општината. Нудиме проекти со кои ќе се решаваат проблемите во комуналните работи, инфраструктурата, урбанизмот, животната средина и сообраќајот. Квалитетни проекти со кои ќе се пробиваат, трасираат и тампонираат локални патишта, проекти со кои ке се реконструираат и асфалтираат голем број на улици и патишта во градот и кратовските села со кои ќе се воспостави подобра комуникација со маалате, селата и соседните општини. Активности во насока на подобрување на капацитетите и квалитетот на водата за пиење како и одведување и обезбедување на вода во места и средини каде што ја нема – нагласи Николовски.
Николовски додаде дека ќе се залага во подобрување на условите за образованието, обнова на градинките, училиштата, школскиот инвентар, модернизација и компјутеризација, како и доедукација на наставниот кадар.
Ќе воспоставиме механизми за вклучување на граѓаните, бизнис секторот и други интересни заедници во работата и носењето на правилни одлуки во општината, форми и механизми кои во досегашното функционирање на Општината не биле пракса, облици на учество на граѓаните како форуми на заедници, јавни дебати и граѓански иницијативи, на овој начин ке се градат мостови на соработка меѓу локалната самоуправа и граѓаните и ќе се зголемува транспарентноста – рече Николовски.
Николовски посочи дека со многу труд, секојдневен ангажман, заедно со неговиот тим, и поддршката од граѓаните Кратово ќе стане убаво место за живеење, привлечно туристичко место, град на задоволни и исполнети граѓани. Со развојот на општината, со подобрување на условите на живеење ќе се допринесе да граѓаните да останат да живеат во градот, и ќе се прекине егзодусот на кратовската младост.