Во Кичево е планирана изградба на нов болнички комплекс, инвестиција проценета на околу 1,38 милијарди денари, односно 22,5 милиони евра. Новата установа треба да обезбеди современи услови за дијагностика, болничко лекување и ургентна нега за жителите на Кичево и околните места.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Кичево Александар Јованоски и директорката на Општата болница Кичево, Маја Цветановска Трајковска, заедно со делегација на Светска банка, ја посетиле болницата и го разгледале концептот за изградба на новата здравствена установа.

„Кичево со децении се соочува со несоодветни болнички услови. Време е овој проблем да добие трајно и функционално решение. Целта е граѓаните да добијат сигурна здравствена грижа во својот град, а здравствените работници современи услови за работа“, изјави Андовски.

Новиот комплекс е предвидено да располага со современи простории за дијагностика, болничко лекување и ургентна нега, како и со системи за медицински гасови и енергетски ефикасни решенија.

Болницата треба да ги опслужува жителите на Општина Кичево и населението од околните места, со што би се намалила потребата пациентите да патуваат за здравствени услуги во Скопје, Охрид и Битола. Проектот треба да стави крај на долгогодишната неизвесност околу болничките услови во Кичево.