Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Литванија.

Како што соопшти МНРиНТ, централен настан во рамките на посетата ќе биде свеченото отворање на новата Амбасада во Вилнус, што претставува значаен чекор кон натамошно зајакнување на дипломатското присуство на државата и продлабочување на билатералните односи и соработката со Литванија и поширокиот Балтички регион.

За време на престојот во Вилнус, министерот Муцунски ќе оствари билатерална средба со својот литвански колега, Кештудис Будрис. Во фокусот на разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог, интензивирањето на економската соработка и евроинтегративните процеси.

Двајцата министри ќе разменат мислења и за актуелните безбедносни предизвици, како и за соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.

Од Министерството посочуваат дека посетата на министерот Муцунски на Вилнус се реализира во значаен момент, во пресрет на претседавањето на Литванија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2027 година, период од особено значење за политиката на проширување и европските интегративни процеси.