Утре во Женева продолжуваат разговорите меѓу САД и Иран

Утре во Женева ќе се одржат нова рунда преговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма. Средбата доаѓа во период на засилени дипломатски активности, а од Вашингтон велат дека не размислуваат за напади. Наместо тоа, нагласуваат дека се фокусирани на дипломатско решение. Воедно појаснуваат дека засиленото американско воено присуство е од одбранбени причини.

Според информациите од САД, претставници веќе патуваат кон состаноците во Женева. Фокусот останува на разговори и политички договор, а пораката од администрацијата е дека приоритет е дипломатијата.

„Виткоф и Кушнер веќе се на пат кон овие средби. Во овој момент сме целосно насочени кон преговорите. Претседателот тоа јасно го стави до знаење. Доколку таа насока се промени, тоа ќе им стане очигледно на сите“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Израел бара демонтажа, Техеран условува со укинување санкции

Во меѓувреме, од Израел порачаа дека секој договор со Иран мора целосно да ја демонтира нуклеарната инфраструктура. Оттаму ја повторија пораката „Верувај, но проверувај“, посочувајќи дека процесот треба да биде строг и проверлив.

„Целиот збогатен материјал мора да го напушти Иран, треба да се демонтираат опремата и инфраструктурата, и да се решат прашањата со балистичките ракети“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Од друга страна, Техеран изрази подготвеност за компромиси. Сепак, иранската страна наведе дека очекува укинување на американските санкции како предуслов за какви било отстапки.