„Новак Ѓоковиќ Фондација“ верува во детските соништа и посветено работи на својата мисија да ги исполни. Во оваа насока, програмата „На пат на шампионот“, посветена на децата во спортот, нивните родители и тренери, продолжи да се шири во регионот, со цел да им помогне на родителите на децата во спортот на адекватен начин да одговорат на нивните потреби и да ги поддржат низ сите предизвици. Вчера (11.02.2024 година), пред преполната сала во хотел “Холидеј Ин“, се одржа панел дискусијата со работен наслов „Чиста Мотивација“. Предводени од авторката на програмата и поранешна Фед Куп репрезентативка на Србија во тенис, Ана Јовановиќ, учесници во дискусијата беа најдобриот македонски и светски афирмиран ракометар и актуелен селектор на Ракометната репрезентација на Северна Македонија, Кирил Лазаров, познатиот и истакнат кардиохирург и алпинист проф. д-р Сашко Кедев и олимписката репрезентативка во карате и основач на спортска школа за деца, Пулексенија Јовановска.
Со учеството во панел дискусијата, тие се приклучија на големиот број спортски легенди и научни експерти од областа на спортската психологија и медицина, кои во изминатите три години учествувале во програмата, како: Жељко Обрадовиќ, Светислав Пешиќ, Дејан Савиќ, Владимир Радмановиќ, Соња Васиќ, Виктор Троицки, д-р Ранко Рајовиќ, д-р Љубица Бачанац, д-р Александар Мисојчиќ, како и основачите на Фондацијата, Новак и Јелена Ѓоковиќ и многу други. Разменија стручни искуства, знаења, ставови и предлози за визијата – како правилно да се израснат децата преку спорт и преку здрави односи со родителите и тренерите, во најчувствителниот период во формирањето на личноста на спортистите.
“Улогата на спортот кај децата е од суштинска важност за нивниот развој, без разлика дали ќе го практикуваат професионално, или рекреативно. Преку спортот, децата запознаваат многу нови пријатели, шират познанства и учат да негуваат позитивни вредности. Токму затоа, мислам дека треба да се охрабруваат родителите да ги поддржуваат и мотивираат децата да спортуваат, затоа што на овој начин се градат здрави нови генерации.“ – истакна Кирил Лазаров во текот на своето излагање на панелот.
“Секоја индивидуа има право на слобода, но слободата секогаш оди заедно со одговорноста. Во овој контекст, родителите треба да им дадат можност на децата да одлучат дали, со каков спорт и во која мера сакаат да се бават, но да им објаснат дека носењето на одлуката значи и преземање одговорност. Многу е важно младите генерации сами да ја земат одговорноста, притоа следејќи ја својата страст, и со ентузијазам, посветена работа и секако, поддршка, да ја негуваат чистата мотивација кај себе. Само на овој начин се постигнува успех.“ – објасни проф. д-р Сашко Кедев на темата кои се клучните елементи во градење на нови успешни спортисти од мала возраст.
“Тренерот има клучна улога. Освен што ги учи на техничките аспекти од спортот, исто така тренерот и го воспитува детето, затоа што на тренинг се учат многу работи – чувство на припадност, соработка, дисциплина, одговорност, емпатија, почит, учење од грешки, комуникациски вештини, физичко, но и ментално здравје, лојалност, издржливост, упорност и многу други. Доколку тренерот вика, се однесува грубо, употребува недолични коментари и непримерен речник, не дослушува, нема емпатија, тоа претставува директен пример како треба детето да се однесува. Затоа, тренерите имаат огромна одговорност, освен тоа што треба да бидат технички спремни, исто така треба да бидат добро потковани и со педагошките мерки и методологии кои што се преземаат на тренинг, прилагодувајќи се кон секое дете засебно, затоа што децата се различни карактери. Некое е поекстровертно, некое поинтровертно и не може кон сите да се настапува подеднакво. Ние во Македонија многу се залагаме освен оние технички тренинзи за тренерите, да се работи на подобрување на нивните комуникациски и меки вештини, за да може да создадат еден убав тим и една убава хармонија на тренинг и на натпревар.“ – потенцираше Пулексенија Јовановска, на прашањето која е улогата на тренерот во креирање на успешни спортисти.
“Од Скопје заминуваме воодушевени и благодарни на почитуваните панелисти и на сите посетители и соговорници. Со нивната посветеност и интимен професионален пристап неизмерно го збогатија спектарот на сознанија и препораки. На таков начин придонесоа кон „На патот на шампионот“, како универзална платформа за разбирање и вистинска поддршка на младите спортисти, нивните семејства и сите профили на професионалци кои се занимаваат со нивниот развој во квалитетни луѓе и спортисти на иднината. „Чиста мотивација“ беше чисто задоволство за сите нас од „ Новак Ѓоковиќ Фондација“ во Скопје. Сигурна сум дека во блиска иднина, со спортските асови и експерти од регионот, уште повеќе ќе го прошириме опсегот на нашата соработка. Во оваа прилика, благодарност до нашиот домаќин во Скопје, Даријан Трајанов, како и на нашите партнери “Uefa“ Фондација и “Lacoste” Фондација”, изјави Ана Јовановиќ, автор на програмата „На пат на шампионот”.
За сите дополнителни прашања, ве молиме да се обратите на e-mail адресите: prmkd@apraagency.com и media@novakdjokovicfoundation.org
Досегашните панел-дискусии во рамки на програмата „На патот на Шампионот“ можете да ги погледнете на официјалниот YouTube канал на Фондацијата: https://www.youtube.com/channel/UCct0fYzmhWCzT4JLtMN3v5w?app=deskto