Во нивниот договор за новата влада се поддржува отворањето на преговорите за пристапување наМакедонија и Албанија во ЕУ.

Партиите кои ќе ја формираат новата германска влада го поддржуваат отворањето на преговорите за пристапување на Албанија и  Македонија во Европската унија, продолжувањето на преговорите со Србија и Црна Гора и визната либерализација за Косово.

-Го поддржуваме процесот на пристапување во ЕУ на шесте земји од регионот на Западен Балкан и неопходните реформи за исполнување на сите критериуми од Копенхаген. Во овој контекст, го зајакнуваме граѓанското општество и поддржуваме понатамошни чекори кон пристапување во ЕУ, стои во коалицискиот договор меѓу Социјалдемократите, Зелените и Слободните демократи.

Во параграфот кој се однесува на Западен Балкан се додава дека „следно мора да биде отворањето на првите поглавја во пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, усвојување на визната либерализација со Косово и продолжување на преговорите со Црна Гора и Србија“.

Трите партии, исто така, велат дека го поддржуваат дијалогот предводен од ЕУ за нормализација меѓу Косово и Србија и напорите за траен мир во Босна и Херцеговина изграден на територијален интегритет и надминување на етничките поделби.

Паралелно со пристапните преговори, ЕУ мора да го подобри својот капацитет за прием на нови членки, се додава во коалицискиот договор од 177 страници.

Западен Балкан и неговата европска перспектива беа споменати и во коалицискиот договор за претходната германска влада на канцеларката Ангела Меркел. Таа сега ќе биде наследена од Олаф Шолц кој досега беше нејзин министер за финансии.