Утрово на скопскиот аеродром слетаа првите авиони на новите линии Барселона – Скопје и Лион – Скопје, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски преку видео порака на Фејсбук. Овие нови авиолинии за Скопје се дел од владината политика за финансиска поддршка за воведување нови дестинации, со цел зголемување на туризмот и економскиот развој.

Нови авиолинии за Скопје

Николоски во своето видео обраќање изјави:

„Утрово слетаа првите авиони од Барселона и Лион. Тоа значи многу за зголемување на туризмот и за подобрување на економијата во Македонија. Со новите летови кои што Владата ги обезбеди, придонесуваме да се зголеми бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром. Со директните летови од Шпанија-Барселона и Франција-Лион, секако дека многу ќе придонесеме во оваа насока. Политиката на субвенции што ја води Владата и Министерството за транспорт ги дава првите резултати. За неколку месеци имаме десет нови дестинации од двата аеродроми. Ветувам уште многу нови дестинации, уште многу патници на скопскиот и охридскиот аеродром, многу повеќе туристи, повеќе можности за размена, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат за бизнис во Македонија и уште многу повеќе луѓе кои што ќе патуваат. Нека е со среќа и за убаво.“