Месецов се навршуваат 10 години откако Осама бин Ладен, организаторот на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, беше убиен во акција на американските специјалци во објект во пакистанскиот воен колеџ Аботабаду. Но, Ал Каеда, терористичката организација со која раководеше бин Ладен, се заканува со нови напади.
Американската војна против тероризмот ќе влезе во нова фаза, со оглед на тоа што претседателот Џо Бајден се подготвува да ги повлече сите американски војници од Авганистан до 20-годишнината од нападот врз САД, сепак, Ал Каеда вели дека војната со Америка е далеку од завршена, известува СиЕнЕн.
Во интервју за телевизијата, што беше направено преку посредник, официјално лице на Ал Каеда за американската медиумска мрежа изјави дека „војната против САД ќе продолжи на сите фронтови, освен ако тие не се повлечат целосно од остатокот на исламскиот свет“.
Претходно, Ал Каеда ретко одговараше на прашања, претпочитајќи да се крие зад својата пропаганда.
Не е јасно зошто групата одлучила да се огласи сега, додава СиЕнЕн.
Експертот за тероризам Пол Крикшанк, уредник на ЦТЦ Сенхел, кој ги разгледа одговорите на Ал Каеда, вели дека тие може да се чувствуваат мотивирани од повлекувањето на војската од страна на Бајден од Авганистан, но дека можеби исто така сакаат да го свртат вниманието од неодамнешните загуби.