Оперативниот лизинг, според проценките е најповолното решение, бидејќи освен за гориво нема друго буџетско трошење, истакна денеска на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање да ја појасни одлуката на Владата да набави 45 моторни возила и покрај реакциите на јавноста во врска со нерационалното трошење буџетски средства.

Набавката на 45 моторни возила беше соопштена по вчерашната владина седница. Владата ја разгледала и ја усвоила Информацијата за потреба од набавка на моторни возила од страна на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и ја задолжила да ја отпочне постапка за повеќегодишна јавна набавка на 45 моторни возила, по пат на оперативен лизинг (деловен закуп) со времетраење од 36 месеци.

-Оваа одлука е донесена врз основа на карактеристиките на сите разгледани можни начини за набавка на моторни возила, обврските кои произлегуваат од нив, како и од аспект на искуствената примена на оперативниот лизинг досега, и согласно сите сознанија, Владата го прифати мислењето на СОЗР дека најдобра опција е да се спроведе повеќегодишна јавна набавка на моторни возила по пат на оперативен лизинг заради помалите финансиски оптеретувања, стои во вчерашното владино соопштение.

Арсовски, пак, денеска вели дека оперативниот лизинг според проценките е најповолното решение, бидејќи освен за гориво нема никакво буџетско трошење, во тој период на користење на возилата. -Ваквиот начин покрива каско осигурување сервис и резервни делови што со поинаков модел би паднал на товар на државниот буџет, додаде тој.

Владиниот порпарол истакна дека набавката се однесува на возила кои ќе ги користат министрите, другите владини фунцкионери, а ќе бидат користени и за странските делегации, кои ќе престојуваат во земјава.

-Износот на набавката, техничката спецификација на возилата и другите критериуми ќе бидат прецизирани во јавната набавка, која ќе биде објавена наредните денови. Техничката спецификација претходно ќе биде одобрена од приватна инстуитуција, додаде Арсовски.