Руски проектили погодија два града во централна Украина, оштетувајќи ја инфраструктурата и станбените згради, изјави денеска гувернерот на Полтава, Дмитриј Лунин.
– Една ракета го погоди објектот во Полтава, додека утрово се случија неколку напади во Кременчук, наведе Луњин во онлајн порака, пренесе Ројтерс.
Новите сателитски снимки покажуваат дека руските сили се повлекле од аеродромот Антонов во Хостомел, на околу триесет километри северозападно од Киев.
Сликите направени од компанијата Maxar Technologies во четвртокот ги потврдуваат претходните информации на функционерот на американското Министерство за одбрана, кој за Си-Ен-Ен изјави дека Пентагон верува дека руската армија најверојатно ќе го напушти аеродромот.
Претходните сателитски снимки покажаа дека Русите изградиле заштитни ѕидови околу артилериските позиции околу аеродромот, а сега останале само тие утврдувања.
Во своето последно видео обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека руските сили „полека, но забележливо“ се повлекуваат од северот на Украина.
Американското Министерство за одбрана денеска соопшти дека на украинските сили ќе им испрати дополнителна воена опрема вредна 300 милиони долари.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека новата испорака на оружје ќе вклучува ласерски наведувани ракети, беспилотни летала, оклопни возила, уреди за ноќно гледање и муниција, пренесе АП.
Испораката ќе вклучува и медицинска помош, теренска опрема и разни резервни делови.
Соединетите Држави досега обезбедија повеќе од 1,6 милијарди долари помош за Украина од почетокот на рускиот напад, рече Кирби.