Владата навремено интервенираше со конкретни мерки за да обезбеди најниски цени на нафтените деривати во целиот регион. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, одговарајќи на дилемите поврзани со актуелните предизвици од енергетската криза. Тој нагласи дека манипулациите на опозицијата околу цената на струјата набрзо ќе бидат целосно демантирани бидејќи за време на овој владин мандат струјата не е поскапена, за разлика од претходната власт кога цената порасна за 35 проценти.

„Поврзано со предизвиците во енергетиката, цените на енергенсите и споредбата со земјите во регионот, ако денеска направиме пресек и анализа, тогаш ќе дојдеме до следниве бројки. Кај нас дизел еден литар гориво е 99 денари, следниот позади нас во регионот е Хрватска со 116 денари или отприлика 17% повисока цена, потоа е БиХ со 119 денари, отприлика за 20% повисока цена, исто толку е Словенија, потоа е Црна Гора со 122 денари односно тоа е отприлика 23% повисока цена, потоа е Србија со 124 денари, околу 25%, па потоа доаѓа Грција со 129 денари или 30% и конечно најскапа во регионот е Албанија со 145 денари по литар, тоа е отприлика 46% повеќе отколку тоа што чини литар дизел кај нас. Кај безоловниот 95 октани кај нас е 91 денар, следна е Хрватска со 104 или 14%, потоа е Словенија со 106 или 16%, па потоа е БиХ исто така со 106 денари, потоа е Србија со 109 или 20%, потоа доаѓа Црна Гора со 113 денари или 24%, па Албанија со 117 денари или 29% и конечно најскапа е Грција со 131 денар или 44% поскапо литар гориво безоловен 95 октани од тоа што е кај нас“, појасни Мицкоски.

Во врска со споредбите колку гориво може да се купи со плата во Германија во однос на Македонија, тој истакна дека суштинското прашање е релативниот сооднос пред почетокот на кризата и сега, посочувајќи дека разликата е преполовена.

„Велат добро, ајде да видиме колку литри ќе купиме со нашата просечна плата ако ја споредиме платата во Германија и цената на литар. Тоа не е вистинското прашање, тоа е политичко манипулативно прашање. А кое е вистинското прашање? Дали пред почетокот на кризата со просечната плата во Македонија купувавме помалку или повеќе отколку тоа што беше во Германија? Еве анализата покажува дека денес со просечната плата во Македонија купуваме повеќе литри дизел, отколку пред да почне енергетската криза споредено со Германија. Тоа е суштината. Дали тогаш со просечната плата во Германија купувале 100 литри, а сме купувале со просечната плата во Македонија во тој период 20 литри, сега во Германија се купува 80 литри, а во Македонија купуваме 30 литри. Тоа е суштината и начинот на кој треба да го поставуваме вистинското прашање. Разликата е два пати. Зошто? Затоа што оваа влада интервенираше пред сè во акцизите и во делот на ДДВ, односно за дизел горивата сега е намален од 18% на 10%, а во оној прв бран од крајот на февруари, таму некаде до крајот на мај, почеток на јуни и за безоловниот 95 октански“, изјави Мицкоски.

Поради спроведените мерки и последователниот втор бран на кризата, неопходно било да се пристапи кон втор ребаланс на државниот Буџет со цел усогласување со реалните економски текови.

„Тоа не го направија другите земји во регионот, затоа не прават ребаланс. И ние можевме да оставиме ДДВ од 18%, да не ги намалиме акцизите, сè да си остане исто, тогаш немаше да бидат 99 денари за дизел и 91 денар за 95 октански безоловен, туку дизелот ќе беше над 110 денари како што е во најголемиот дел од земјите во регионот, а безоловниот ќе беше исто така околу 110 денари. Тогаш ќе немаше потреба од ребаланс, ќе имавме суфицит во буџетот, бидејќи ќе ги соберевме парите од граѓаните. Ќе ве вратам во 2022 година, тогаш не се направија мерките навремено и тогаш имавме литар гориво кој беше повеќе од 2 евра и дизел и безоловен 95 октански. Тоа е разликата и затоа ние денеска мораме да направиме ребаланс, токму поради овие мерки кои оваа влада ги донесе. Тоа имплицира во буџетот отприлика недостаток во вредност од горе-доле околу 5 до 6 милијарди денари, тоа е околу стотина милиони евра. Тоа е разликата помеѓу таа влада тогаш и оваа влада денес“, изјави Мицкоски.

Во однос на превирањата околу цената на струјата, Мицкоски потенцираше дека граѓаните нема потреба да стравуваат од шпекулации за драстични поскапувања и дека состојбата ќе биде официјализирана на почетокот на новата година.

„За електричната енергија бидејќи ги слушам ќе поскапувала, не знам колку, дупло ќе се зголемела, ги плашат граѓаните, еве ќе дојде 1 јануари, и ќе видиме дали цената на електричната енергија ќе поскапи. Така велеа кога беше 2024, па 2025 еве истото го зборат 2026 година и еве досега цената на електричната енергија не се зголеми. Ајде да видиме во минатото да зборуваме периодот 2018-2023 година, 35% е зголемена, кога ќе земете во целост со воведување на блоковите 35%, а сега 2024-2026 година, нула, во услови кога ја имаме најголемата енергетска криза која човештвото ја памети. Тоа е разликата. Ќе дојде декември, ќе излезе Регулаторна комисија со свое толкување и ќе дадат одговор на оваа невистинита шпекулативна комуникација која ја има опозицијата. Тоа што наследивме од минатото е товар за кој треба време да се реши, но дали е подобро, е многу подобро, дали ќе биде подобро, да, ќе биде подобро“, нагласи Мицкоски.