Седуммина средношколци се отпишале од „извидници“ откако родител алармираше дека викендов Прв скопски извиднички одред организирал несоодветен камп со сексуална едукација, која вклучувала шокантни активности меѓу кои и тоа децата да соблекуваат делови од облеката, да оставаат отпечатоци од интимни делови од телото на хамер, да се бакнуваат во стомакот, коленото, вратот и во устата, како и да сликаат сцени во природа до манастир, додека други деца симулираат сексуални пози.
Настанот е потврден од родител на средношколка која по ваквиот камп завршила на психолошко советување. Од Министерството за внатрешни работи велат дека родители го пријавиле настанот во полиција. Неофицијално и Јавното обвинителство отворило предмет за случајот, по што ќе бидат направени разговори со сите инволвирани. На кампот насловен „Секс, скаутс и рок енд рол“ присуствувале околу 40 ученици од средните училишта во Скопје, но не биле организирани преку училиштата, туку преку извидничкиот одред.