Коалицијата ВЛЕН испрати писмен одговор до првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во кој се наведува дека неговото писмо за употребата на албанскиот јазик претставува обид за политичка манипулација, создавање конфузија и поттикнување поделби во општеството.

„Вие никогаш не успеавте албанскиот јазик да го направите целосно рамноправен со македонскиот јазик на институционално ниво! Манипулацијата со албанскиот јазик, како најважен идентитетски симбол на Албанците, Ви обезбеди долго владеење, а последиците од половичните решенија ги чувствуваме секој ден денес“, реагираше коалицијата ВЛЕН.

Од ВЛЕН посочуваат дека ДУИ за време на сопствената власт усвоила закони за албанскиот јазик во 2008, 2011 и 2018 година, при што законските решенија од 2019 година ја дефинирале неговата употреба како доброволна, а не како задолжителна норма.

Според коалицијата, токму поради таквите законски слабости јазикот не се користи рамноправно во правосудните органи, Централниот регистар, финансиските институции, комерцијалните банки, врз униформите на безбедносните сили, во здравствените картони или кај нотарите и извршителите.

Во соопштението се додава дека јавните истапувања на Ахмети претставуваат дневна политика и се потенцира дека каков било чекор би имал кредибилитет единствено доколку започне со преиспитување на дотогашните владини решенија кои оставија нерешени прашања во јавната сфера.