Од 1 јануари поскапува паркингот на Меѓународниот аеродром Скопје. Како што информира концесионерот „ТАВ Македонија“, остануваат истите цени од 100 денари за еден час, 150 денари за два часа и 200 денари за три часа.
За 50 денари поскапува паркирање на аеродромот за три часа, односно од 250 на 300 денари, 400 денари ќе биде паркирање од 4-6 часа, 500 денари од 6-8 часа, а 1.000 наместо 850 денари од 8-24 часа.
За 1.000 денари поскапува паркирањето на неколку дена, па така од три до пет дена паркирањето ќе чини 3.500 денари, од пет до седум дена 4.500 денари, а за секој нареден ден ќе се плаќа по 400 денари.
И понатаму останува бесплатно паркирање од 10 минути пред терминалната зграда, каде е овозможено кратко застанување за испраќање и пречекување патници. Доколку возилото се задржи повеќе од 10 минути се плаќа билет од 500 денари.
На Меѓународниот аеродром Скопје има 1.200 обележани места за паркирање автомобили и 6 обележани места за автобуси. Плаќањето за паркинг услугите се врши преку автоматски машини.