Почнувајќи од 1 март годинава, земјите-членки на Европската унија се согласија да ја отстранат забраната за несуштинско патување за граѓаните од трети земји кои биле вакцинирани против Ковид-19, како и за оние кои се опоравиле од вирусот, се наведува на официјалната страница за визни прашања на Унијата, schengenvisainfo.com.

Земјите од Европската унија во вторникот се согласија да ги отворат своите граници за патници надвор од блокот кои примиле вакцини против Ковид-19 одобрени од Светската здравствена организација, олеснувајќи ги ограничувањата и за оние кои примиле индиски и кинески вакцини. Сите патници мора да бидат вакцинирани најмалку 14 дена пред нивното патување во земјата на ЕУ, но најмногу пред 270 дена за да им биде дозволено да влезат како вакцинирани лица. Оние чиј датум на вакцинација е постар од девет месеци мора да добијат бустер доза за да им биде дозволен влез во земјата.

ЕУ досега има одобрено вакцини произведени од Pfizer-BionTech, Moderna, AstraZeneca (кога се произведуваат во Европа), Johnson & Johnson и Novavax. Покрај овие, СЗО ги одобри и вакцините произведени од кинеските производители Sinopharm и Sinovac и од индиската компанија Bharat Biotech. Исто така, ја одобри вакцината AstraZeneca направена во Индија од Институтот за серум.

Сепак, за патниците вакцинирани со вакцини одобрени од СЗО, но не и од ЕМА, може да бидат потребни резултати од тест за Ковид-19 пред поаѓање.

Слично на тоа, на патниците кои биле болни со Ковид-19 во последните 180 дена и се опоравиле од него, исто така мора да им биде дозволено да влезат во ЕУ земјите, дури и за несуштински цели како што е туризмот. „Негативен ПЦР тест пред поаѓање може да биде потребен и за лица кои се опоравиле од Ковид-19, како и за лица кои биле вакцинирани со вакцина одобрена од ЕУ, но немаат сертификат од ЕУ или еквивалентен сертификат“, забележува Советот. .

Советот, исто така, ги потсетува земјите-членки да дозволат влез за деца меѓу шест и 18 години кои патуваат со негативен ПЦР тест направен најрано 72 часа пред поаѓањето. Децата под шест години мора да бидат ослободени од сите ограничувања за влез.

Поради новата препорака, најголема корист ќе имаат патниците од земјите со кои ЕУ постигнала договор за признавање на нивните сертификати за Ковид-19. Досега 35 држави имаат ваков договор со ЕУ, а меѓу нив е и Северна Македонија.

Измената на препораката за привремено ограничување на несуштинските патувања во ЕУ, доаѓа поради новата, порелаксирана ситуација со пандемијата, како и поради високиот удел на светската популација вакцинирана против Ковид-19. „Амандманите се воведени за да одговорат на еволуцијата на пандемијата, зголемувањето на вакцинирањето и аплицирањето на дополнителни дози и признавањето на зголемениот број сертификати издадени од трети земји како еквивалентни на дигиталниот сертификат за Ковид на ЕУ“, истакна Советот во соопштение за медиумите објавено вчера.