На денешната, 83-та седница на Владата донесена е одлука за доделување на финансиска поддршка на вкупно 745 естрадни уметници, со која за секое од лицата кои се пријавија и ги исполнија условите предвидени со јавниот повик ќе биде исплатена еднократна финансиска поддршка во износ од 30.750 денари по лице.

– На естрадните уметници кои беа погодени од корона кризата во наредните денови, вкупно ќе им бидат исплатени речиси 23 милиони денари (22.908.750,00 денари), со што е завршена уште една мерка од шестиот економски пакет, информираат преку соопштение од Владата.

На јавниот повик за финансиска поддршка на естрадни музичари, кој го објави Генералниот секретаријат на Владата, а кој се спроведе во соработка со Министерството за економија и Министерството за култура пристигнаа вкупно 1.633 апликации, а по вкрстувањето на податоците од Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци од Здруженијата на естрадни уметници, се утврди дека критериумите за добивање на финансиска поддршка ги исполнуваат вкупно 745 лица.

Критериумите кои естрадните уметници требаше да ги исполнат за да добијат еднократна финансиска помош се:

– Да имаат пополнето годишна даночна пријава;

– Да не се корисници на пензија;

– Просечните месечни приходи да не надминуваат 15.000 денари;

– Да не користат некоја од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и

– Да бидат членови на некое од регистрираните здруженија на естрадни уметници.