Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека од денеска, американските царини за српска стока, кои изнесуваа 35 проценти од август минатата година, ќе бидат нула проценти.
„Добрата вест е дека царините за Србија се нула проценти. Во одреден период, секако, во иднина ќе бидат помеѓу 10 и 12 проценти, но засега и за некое време, додека нашите разговори продолжуваат, ќе бидат нула проценти“, рече Вучиќ во гостувањето на РТС.
Тој истакна дека тоа е за Србија огромна можност и шанса.
„Дури и кога ќе достигне 10 или 12 проценти, ќе биде во ред“, додаде Вучиќ.
Вучиќ потсети дека кога бил во Токио, Осака и на други места во Јапонија, главниот проблем за одредени компании бил тоа што имало високи царини наметнати од Соединетите Американски Држави против Србија.
„И затоа не можеа да ги извезат своите производи на американскиот пазар. И сега верувам дека буквално ќе има стотици милиони долари нови инвестиции, бидејќи тогаш разговарав со г-дин Шимизу и сега верувам дека ќе имаме можност да добиеме нови инвестиции од оние кои веќе инвестирале тука, а тоа ќе биде одличен сигнал за други јапонски, корејски и така натаму компании, и одлична работа за нашите компании“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Србија имаше американски царини пред 1 август минатата година, особено за челик, алуминиум и патнички возила, бакар.
Вучиќ се осврна и на разговорите околу компанијата НИС, оценувајќи дека за првпат гледа реална можност за позитивен исход.
„Оптимист сум дека сме блиску до конечно решение во разговорите меѓу Русија, Унгарија и Србија околу НИС. Верувам дека тоа ќе биде добро и за економската стабилност на Србија“, изјави Вучиќ.
