Следната недела ќе почне нормално да функционира сајтот на Бирото за јавни набавки. Тендерите ќе бидат одложени за периодот за кој требало да бидат објавени и не се работи за никакво оштетување на податоците, изјави за Плусинфо директорот на Бирото Борче Хагев.
Хагев тврди дека нема никакво оштетување на податоците и дека се работи за посериозен технички проблем.
-Имаме технички проблем на кој работат експерти и очекуваме веќе денеска дел од сајтот да се подигне. Сепак, од наредната недела ќе се нормализира целосно работата на сајтот. Немам информација дали имало хакерски напад на сајтот, но сум информиран дека нема никакво оштетување на податоците. Значи се работи за технички проблем на која работат експертите – изајви за Плусинфо Хагев.
Компаниите кои ги следат тендерите реагираат дека немаат увид во објавите за тендерите за кои веќе течат роковите. Од компаниите велат дека е доведено во прашање аплицирањето за јавните набавки.
Хагев,пак , вели дека сите тендери кои требаше да бидат објавени во текот на оваа недела се одлагаат.
– Периодот на одлагање на тендерите е за оноклу колку што не работеше сајтот – појаснува Хагев.
Сајтот на Бирото за јавни набавки на кој се објавуваат сите тендери, нивното завршување и договорите за јавните набавки на државните институции, јавните претпријатија и државните компании, не работи од 17 април, веќе една работна седмица.
Ова е првпат со денови да не може да се отстрани проблемот со сајтот за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. Досегашните застои биле во траење од максимум 15-тина минути.