Оддадена почит на припадниците кои ги загубија животите во служба на државата
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во седиштето на Единицата за брзо распоредување во Скопје оддаде почит на загинатите припадници на единицата, кои ги загубија животите извршувајќи службени задачи.
Во присуство на нивните семејства, претставници на полицијата, синдикатите и институциите, пред споменикот подигнат во нивна чест беше положено цвеќе и оддадена почит.
„Нивните имиња и нивните дела никогаш нема да бидат избришани од нашата полициска и институционална меморија. Тие остануваат траен симбол на храброст, чест и пожртвуваност. Нивниот живот положен за татковината е аманет за сите нас чесно, одговорно и посветено да ја чуваме безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата“, истакна директорот на БЈБ Јанев.
Тој посочи дека најголемата болка ја носат семејствата на загинатите припадници.
„Најтешко е за нивните семејства, болката по загубата никогаш не исчезнува, но тие мора да знаат дека не се сами. Полицијата и раководството секогаш ќе бидат покрај нив, затоа што тие се дел од нашето големо полициско семејство“, рече Јанев.
На турнирот учествуваат 14 полициски екипи
Во рамки на настанот беше отворен и меморијалниот турнир во чест на загинатите припадници на ЕБР, на кој учествуваат 14 екипи од различни организациски единици на полицијата.
Јанев порача дека преку спортскиот дух и заедништвото се чува споменот на полициските службеници кои ги положиле животите во служба на државата.
„Некои дадоа многу. Тие дадоа сè. Полициската професија не е само работа, таа е заклетва. Заклетва дека ќе бидеме тивки чувари на мирот, спокојот и безбедноста на граѓаните и државата. Затоа сме обучувани, затоа ја носиме униформата и затоа сме подготвени да служиме чесно и достоинствено, дури и по цена на сопствениот живот“, дециден беше директорот на БЈБ Јанев.
