Аргентинскиот фудбалер Евер Банега и официјално стави крај на професионалната фудбалска кариера на 38-годишна возраст. Искусниот играч од средниот ред ја потврди конечната одлука во интервју за спортската телевизиска мрежа ESPN, откако претходно најави дека со сигурност размислува за повлекување.
Банега беше дециден дека одлуката е дефинитивна и дека нема намера да ја промени дури и доколку добие повик од Лионел Меси за повторно да заиграат заедно во американскиот клуб Интер Мајами.
„Одлуката е донесена. Со фудбалот е завршено“, порача Банега.
Тој појасни дека сака да започне сосема ново поглавје во приватниот и професионалниот живот и да им остави слободен простор на помладите генерации фудбалери.
Последниот официјален натпревар во кариерата го одигра на 4 мај годинава во дресот на Дефенса и Хустисија. Во текот на неговата богата кариера настапуваше за реномирани екипи како Бока Јуниорс, Валенсија, Атлетико Мадрид, Интер, Севилја, Њуелс Олд Бојс и Ал Шабаб.
Најголемите клупски успеси ги забележа во составот на Севилја, со која трипати го освои трофејот во Лигата на Европа, а со Валенсија триумфираше во Купот на Шпанија. Со репрезентацијата на Аргентина стана светски младински првак во 2007 година и олимписки шампион во Пекинг една година подоцна, додека за сениорската репрезентација одигра вкупно 65 средби и постигна шест погодоци.
