Пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид
Судскиот совет на Република Македонија на денешна итна седница со 10 гласа „за“ му го одзеде имунитетот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов и даде согласност да му биде определена мерка куќен притвор, по барање на Основниот кривичен суд Скопје. Истовремено, со ист број гласови беше донесена одлука Ристов времено да се оддалечи од вршење на судиската функција.
Осомничен за незаконски имот и перење пари
Апелацискиот судија Ристов е осомничен за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот, како и перење пари и други приноси од казниво дело. Според информациите, при полициски претрес во домот на неговите родители во Неготино биле пронајдени 350.000 евра, заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот судија.
Покрај куќниот притвор, обвинителството предложило и мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нови документи.
