Обвинителството собира докази за можна кривична одговорност

Основното јавно обвинителство Скопје започна постапка за утврдување евентуална кривична одговорност во врска со состојбата со отпадот во главниот град. Од ЈОРСМ информираат дека јавниот обвинител веќе издал наредби до Министерството за внатрешни работи и други надлежни институции за итно постапување и проверки во работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

Вонредни инспекции во тек

Во исто време, до комуналните инспекциски служби се доставени барања за вонреден инспекциски надзор со цел на лице место да се утврди актуелната состојба со отпадот во Скопје.

Владата, пак, претходно ги задолжи МВР, Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Санитарниот и здравствениот инспекторат, како и Институтот за јавно здравје да спроведат координиран надзор врз Град Скопје и „Комунална хигиена“. Целта е да се утврдат причините за кризата со отпадот и да се преземат соодветни мерки.

Алармантна состојба во главниот град

„Состојбата е алармантна, а иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување, ги повикуваме институциите веднаш да реагираат согласно владините заклучоци“, се наведува во соопштението од Владата.