– Поради скинати електроповодници, како и паднати бандери четири дена без електрчна енергија се околу шест илјади жители во административните единици Требиште и Острени. Екипи на Електродистрибуција се на терен, но поради многубројните дефекти и непристапниот терен тоа оди тешко – изјави за МИА Едмонд Османи, прв човек на административната единица Требиште.

Дебелината на снежната покривка во областа изнесува од 45 до 50 сантиметри, а на повисоките места е поголема.

– Благодарение на нашето залагање и поддршката од општина Булќиза, веднаш беа пробиени главните патни правци до Требиште, Острени и граничниот премин Требиште – Џепште кај Дебар. Се чистат и другите споредни патишта во што се вклучени и самите жители. Засега сме немале проблем од здравствен аспект – посочи Османи.

Во зимскиот период, кога ова подрачје останува завеано во снег и отсечено, поради близината, болни лица се пренесуваат на раце до регионалниот пат Дебар-Струга, кај селата Џепиште и Отишани, а потоа во Дебарската болница со што спасени се поголем број животи.