Озонската обвивка полека, но забележливо се обновува, и со таа брзина, „озонската дупка“ над Антарктикот, каде што слојот е најтенок, целосно би се пополнил за околу 43 години, се наведува во новиот извештај на Обединетите нации.

Научната проценка која се спроведува на секои четири години покажува дека заштитниот слој се опоравува, повеќе од 35 години по глобалниот договор да не се користат хемикалии кои ја еродираат озонската обвивка, која го штити животот на Земјата од штетното ултравиолетово зрачење.

Научниците и еколозите ги поздравуваат како една од најголемите еколошки победи на човештвото напорите за намалување на „озонските дупки“ кои произлегуваат од договорот од 1987 година наречен Монтреалски протокол со кој се забрануваат одредени хемикалии.