Генералното собрание на Обединетите нации денеска усвои резолуција со која се бара од Меѓународниот суд на правдата да ги дефинира обврските на државите во борбата против климатските промени, односно правно мислење кое ќе ги обврзе земјите да ги заострат мерките за оваа цел.

Резолуцијата со која се бара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата стигна до Генералното собрание на ОН по четиригодишна кампања предводена од Република Вануату.

Премиерот на Вануату, Исмаел Калсакау, рече дека резолуцијата и советодавното мислење „ќе имаат силно и позитивно влијание врз тоа како се справуваме со климатските промени и да ги штитиме сегашните и идните генерации“.

Советодавното мислење на судското тело на ОН нема да биде обврзувачко за која било јурисдикција, но може да ја формира основата на идните преговори за климатските промени со прецизно посочување на финансиските обврски што ги имаат земјите во врска со климатските промени, со што ќе им помогне на земјите да ги ревидираат и подобрат националните политики за климата, како и зајакнување на домашната политика и законодавство.

Калсакау изјави дека со усвојувањето на резолуцијата, ОН „ќе испратат гласна и јасна порака, не само низ целиот свет, туку и далеку во иднината, дека токму на овој ден земјите-членки на ОН одлучија да ги остават настрана нивните разлики и да работат заедно да го решиме клучниот предизвик на нашето време“.