По трагичниот настан на територија на Општина Кисела Вода, во кој едно лице го загуби животот, а три лица се повредени, градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска соопшти дека Општината иницирала вонреден инспекциски надзор со вклучување на сите раководители од надлежните сектори.
– Надзорот ќе опфати сеопфатна контрола на безбедносните услови, вклучително и проверка на противпожарната опрема, и сите стандарди за користење на заштитна опрема. Општината целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно сите наоди и препораки. Доколку се утврдат неправилности или пропусти, ќе следува соодветна одговорност. Апелираме до јавноста и до сите општествени чинители на воздржаност и одговорност, како и да се избегне ширење на непроверени информации и политизација, додека институциите ја завршуваат својата работа – вели градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Таа најавува дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да ја информира јавноста веднаш по добивање на официјално потврдени информации.
Еден градежен работник загина, а тројца беа повредени, во петоокот, 24 април, при одрон на земја на градежна локација во Кисела Вода.
