„Пред нас е огромна задача каква што никогаш не сме имале. Мораме да ја спречиме Европа да стапи во војна која ќе ја доведе до уништување“, порача Орбан на собирот за поддршка на унгарската влада против ширење на конфликтот во Украина.
Тој оцени дека денес Европа се спрема за војна, дека секојдневно стотици милијарди евра се прелеваат во Украина, се поставува нуклеарно оружје среде Европа.
„Изгледа нема сопирачки на провоениот воз, а машиновозачот полудел“, кажа Орбан и додаде дека мора да се повлече сопирачката за нужда за барем оние кои сакаат да излезат и да се оградат од војната.
„Не сакаме во војна, и нема да гинеме за други на странско тло“, порача унгарскиот лидер.
Орбан истакна дека не смее да се дозволи реализација на опасните планови на ЕУ и НАТО кои водат кон ширење на конфликтот во Украина и ги повика граѓаните на следните избори за Европскиот парламент да гласаат за партии кои се залагаат за мир, а не за војна.
„Каде и да стапне војната, нема спас, војната те обзема, не можеш да ѝ избегаш, не можеш да се скриеш. Единствениот противотров за војната е мирот. Да се остане надвор од војната и да се сочува Унгарија како остров на мирот, тоа е нашата мисија“, порача Орбан.