Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на итен прекин на огнот во Украина и двете страни да влезат во мировни преговори. Унгарија се спомнува како една од земјите кои може да бидат посредници меѓу завојуваните страни – Русија и Украина.
Секоја земја има свое историско искуство. Се соочуваме со војна. Ние имаме искуство во војна. Од самиот почеток мора да е јасно кој војува со кого и каков е нашиот однос кон нив. Според Унгарија, оа е руско-украинска војна. Не повлекуваме знак на еднаквост меѓу нив, бидејќи војната не требаше воопшто да се случи, а таа почна затоа што Русија ја нападна Украина. Но, сепак, ова е руско-украинска војна. Ова не е наша војна, не е унгарска војна, порача Орбан, кој е гласен противник на обидите на ЕУ да ги прошири санкциите против Русија со забрана на увоз на руската нафта.
Орбан порача дека Унгарија ќе постапува во согласност со нејзините интереси, и дека нема да одбира страна во конфликтот, туку ќе се заложи за мир.
Нашата позиција се вика мир. Ние не сме на страната на војната, туку на страната на мирот. Секој чекор што ќе го преземам јас и што ќе го преземе унгарската страна ќе оди во насока на итен прекин на огнот и на мировни преговори кои треба да почнат што е можно поскоро, изјави Орбан.