-Ја информираме јавноста дека обвинителниот акт на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“ е одобрен во целост, по што е фромиран и кривично – правен предмет со КОК бр. 63/21. Главната расправа по наведениот предмет е насрочена на 16.07.2021 година во 10:00 часот во Судница 1 за што веќе се известени странките во постапката, соопшти Судот.

Бизнисменот веќе три месеци е во притвор во затворот во Шутка. Претходно, нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.

Освен Камчев, во овој случај осомничен е и екс премиерот Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.