Поддржувачи на ДУИ преку фотографии и содржини објавени на социјалните мрежи потврдија дека организирано со авиони доаѓале на гласање на вчерашните предвремени локални избори во општина Брвеница.
Неколку дена пред одржувањето на изборниот процес, преку социјалните мрежи беше упатен директен повик до албанската дијаспора самата да ја креира својата иднина, да се мобилизира и масовно да излезе на гласачките места.
„Сегашната ситуација во нашата општина ги преминува границите на политиката и повеќе од кога било бара единство, интелигенција, акција и зрелост. Чувствуваме дека е национална, верска и човечка обврска да апелираме до сите жители на нашата општина масовно да излезат да гласаат во недела. Време е секој од нас да ја исполни својата должност, да ги мобилизира сите наши роднини и да излезе да гласа. Самите да ја дефинираме сопствената судбина, а не другите“, беше наведено во повикот објавен на Фејсбук страницата на здружението на граѓани од Челопек во Швајцарија.
На истата страница беа споделени и фотографии од полни патнички авиони со кои иселениците се враќаат во странство веднаш откако го оствариле своето гласачко право во Брвеница.
„За родното место нема замор, постои само љубов. Честитки до сите жители на нашата општина, кои покажаа единство и граѓанство на највисоко ниво. Заедно покажавме како демократски процес може да се развива на најдобар можен начин“, стои во објавата на здружението.
Новоизбраниот градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији, синоќа по официјалното соопштување на изборните резултати упати посебна благодарност до иселениците кои пристигнаа и дадоа поддршка за неговата победа.
„Ѝ благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината. Денес излеговме со кренати глави. Немам зборови да ја опишам оваа емоција“, изјави Јахији.
Според податоците што ги објави Државната изборна комисија, кандидатот Аркин Јахији од коалицијата предводена од ДУИ освои вкупно 4.442 гласа, додека кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ освои 4.177 гласови на гласањето.
