Оризопроизводителите од Кочанско повторно на протест во С. Облешево. Полицијата овој пат не им дозволи да ја блокираат и втората коловозна лента. Протестот е од причина што се уште не е дефинирана откупната цена, а проблем е и што откуп воопшто нема.

– Неопходен е итен ангажман од страна на Министерството и на Владата за изнаоѓање на соодветни решенија. Прв, во таа насока би бил чекорот за итна исплата на субвенциите на оризопроизводителите. Да се утврдат цени кои ќе бидат прифатливи за оризопроизводителите и кои не би биле пониски, за арпата, од 25 до 30 денари и за белиот ориз, од 55 до 60 денари – изјави Ставре Јанев, Самостоен синдикат на земјоделците.

Едно од барањата е и Владата да изврши интервентен откуп за стоковите резерви. Велат дека се во крајно незавидна состојба и не можат повеќе да ги сервисираат ниту основните животни потреби.

– Едвај собереме пари за да платиме струја и вода. Дома седиме, не можеме да преживееме. Имаме залихи од лани и не можеме да ги продадеме. Сега нема ни да жнееме, зашто комбајнерите нема да ни жнеат, зашто немаме пари да ги платиме -изјави Ванчо Јосифов, земјоделец од С.Долни Подлог.

Оризарите најавија дека ќе продолжат со протестите, зашто се работи за решавање на егзистенцијално прашање.