Основниот суд Скопје 1 донесе ослободителна пресуда за предметот „Трезор“ утврдувајќи дека Јавното обвинителство не успеало да докаже ниту една од претпоставките кои ги ставаше на товар на обвинетите. Немало злоупотреба, немало искористување на службената положба, немало штета за државата и немало незаконски профит како што ЈО се обиде да креира впечаток во јавноста.
После повеќегодишно влечкање низ судските лавиринти, Основниот суд собра храброст да му покаже на Јавното обвинителство дека не е доволно да се направи прес конференција, да се добие поддршка од медиумите и да се конструира предмет во кој што обвинетите однапред би биле осудени. Основниот суд во повторената постапка по предметот „Трезор“ пресуди дека ЈО целосно потфрлило во предметот „Трезор“, односно дека истиот е базиран на сомненија кои немаат основа и кои ЈО не можело да ги докаже.
За разлика од пресудата донесена пред три години, Основниот суд сега не дозволи да суди само врз основа на впечатоци, а не и на докази, ниту пак дозволи нечија желба за политичка елиминација да биде главниот аргумент некој да биде прогласен за виновен. Наместо тоа, судот реши да ги почитува напатствијата дадени од Апелација која се обиде да ги нотира сите недоследности во првата првостепена пресуда.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет Тони Јакомовски се целосно ослободени од вина во првостепената постапка која по втор пат се водеше пред основниот суд.