Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, оствари средба со амбасадорот на Чешка во Скопје, г. Јарослав Лудва.

Потенцирајќи ги одличните билатерални односи меѓу Македонија и Чешка, министерот Османи нагласи дека претстојната посета на неговиот чешки колега Јан Липавски на нашата земја е потврда за традиционалното пријателство и широка секторска соработка.  

Соговорниците се согласија дека двете држави остваруваат значајно партнерство во рамки на ООН, НАТО и ОБСЕ, а Чешка останува еден од најгласните поддржувачи на нашата земја во однос на политиката на проширувањето на ЕУ.

На средбата се разговараше и за актуелното претседателство на нашата земја со ОБСЕ и безбедносните и економските предизвици со кои земјите се соочуваат по руската воена агресија на Украина.